Приватните превозници остануваат на Илинденска
Продолжува протестот на приватните превозници на Илинденска. Нема договор со градоначалничката Арсовска. Бараат помош од Владата. Од таму експресен одговор-тоа не е проблем на Владата, туку на градот. Сепак, не се исклучува и опцијата за одземање на ингеренциите на Арсовска, вели Битиќи...

„Тешко е многу, ама ќе издржиме, немаме друг избор. Живееме во автобус, ова ни е домот во моментов. Се грееме со плински боци“, вели Игор Даутовски. Превозниците велат дека вложиле 50 илјади евра за нови автобуси, а градоначалничката ги оставила да спијат на улица.
Приватните превозници велат дека остануваат на булевар „Илинденска“ и ќе чекаат да ги прими премиерот, затоа што немаат комуникација со Арсовска. На огласот што го објави Град Скопје, нема да се пријават.
Од Алијанса за Албанците со поддршка на приватните превозници. Таравари смета дека Владата треба посериозно да се ангажира, бидејќи како што рече, се работи за повеќе од 500 семејства кои неколку дена протестираат.
Од Владата одговараат дека градоначалничката Арсовска треба да седне и да го реши проблемот со приватните превозници. Одземање на ингеренциите на градските власти, би било враќање 20 години назад во процесот на децентрализација, смета Битиќи.
Приватните превозници се закануваат дека ако Владата не ги повика, ќе ги радикализираат протестите, со блокади на повеќе места, а не ја исклучуваат и можноста за штрајк со глад.
Ана Ј. Тодоровска
