македонија

Грковска: Преку Е-Инспектор го елиминираме субјективниот пристап во инспекциските надзори

12.12.2022 15:03

Владата е цврсто определена да изгради ефикасен, но и објективен, професионален и одговорен инспекциски систем, за што минатата година за инспекциските служби се обезбедени 400 преносни компјутери, но и се унапредуваат другите услови за успешна и ефикасна работа на инспекторите.

„Преку целосно автоматизирање на процесот на распределба на надзорите  и  контролите на инспекциските служби, го елиминираме субјективниот пристап и човековиот фактор во инспекциските предмети што е од особено значење во отстранување на сите сомнежи за субјективно работење”,  посочи заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната промоција на информатичкиот систем за инспекциски надзор, Е-инспектор, во организација на Советот за инспекциски надзор.

Таа нагласи дека Владата е цврсто определена да изгради ефикасен, но и објективен, професионален и одговорен инспекциски систем, за што минатата година за инспекциските служби се обезбедени 400 преносни компјутери, но и се унапредуваат другите услови за успешна и ефикасна работа на инспекторите.

Исто така потенцираше дека во рамките на своите надлежности, Владата помага во исполнувањето на главните цели и приоритети на Инспекцискиот совет за 2022 година, како што се развој и одржување на електронскиот систем за автоматизација на инспекциската постапка и инспекциското работење, Е-инспектор, кој е одржлив и дигитализиран систем за стручно усовршување и обука на инспекторите во инспекциските служби и зајакнување на организациската поставеност на Инспекцискиот совет.

Таа потенцираше дека со целосното воспоставување на Е-инспектор преку кој ќе бидат автоматски поврзани сите инспекциски служби во земјава, се овозможува зголемување на ефективноста и ефикасноста, подобар увид во податоците, подобра контрола, како и намалување на административните процедури за прибавување на потребните документи.

На настанот за развој на информатичкиот систем за инспекциски надзор  Е-инспектор, свои обраќања имаа и шефот на Европската банка за обнова и развој во Република Северна Македонија, Едни Аранитаси, претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска  и експертот за инвестициска клима и управување во ЕБОР, Едрита Џаферај.