Скопје

Приватните автобуски превозници продолжуваат со блокадата на „Илинденска“

13.12.2022 09:36

Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека во услови кога немаат одговор од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на нивното барање за средба, се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски...

Продолжува блокадата на приватните автобуски превозници на булеварот „Илинден“ во Скопје. Откако не добија одговор на барањето за средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, вчера побараа да бидат примени од премиерот Димитар Ковачевски.

Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека во услови кога немаат одговор од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на нивното барање за средба, се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според него, можно е да се радикализираат протестите.

Претставници на приватните автобуски превозници вчера одржаа средба со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој порача дека е неопходно да се изнајде решение за нивниот проблем и дека Владата треба посериозно да се ангажира за овој случај.

Во однос на барањата за одземање на надлежностите на Град Скопје за јавниот превоз од страна на Владата, вицепремиерот Битиќи вчера во одговор на новинарско прашање порача дека Владата е секогаш тука за граѓаните, но дека проблемот со приватните автобуски превозници треба да го решат градските власти.