Косово

Северниот дел на Косово и натаму блокиран

13.12.2022 10:00

Главните патишта во северно Косово и натаму блокирани. Брисел бара воздржаност од двете страни. Белград в четврток праќа официјално барање до КФОР за враќање на српската војска и полиција...

Главните патишта во северно Косово и натаму блокирани. Србите кои протестираат поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, остануваат на барикадите, а во регионот има и полициски блокади. Пантиќ беше уапсен поради обвинение за терористички напад врз просториите на Централната изборна комисија (ЦИК) и косовската полиција, пред одржувањето на изборите во четири општини на северот на Косово. Притворот му е продолжен на 30 дена.

Белград в четврток ќе испрати официјално барање до КФОР за враќање на српските полицајци и војници на Косово. Претседателката на Косово, Османи, ги одложи општинските избори за април.

ЕУ бара воздржаност од двете страни. Претставникот на Брисел Лајчак в среда во посета на Белград и Приштина. Претходно во рутинска посета на Косово беше специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Со премиерот Курти заклучија дека е потребно итно отстранување на барикадите.