Недела на филмови од Анджеј Вајда во Кинотека
Публиката ќе има можност да види избор од шест филма од богатата филмографија Анджеј Вајда. Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации...

Од 16 до 22 декември во Кинотеката следува недела на проекција на филмови од режисерот Анджеј Вајда (1926-2016). Публиката ќе има можност да види избор од шест филма од богатата филмографија Анджеј Вајда.
Шесте наслови од филмската недела посветена на Вајда хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови КАНАЛ (Kanal) од 1957 година, ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiól i diament / The Ashes and Diamonds) од 1958, НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ (Niewinni czarodzieje / Innocent Sorceres) од 1960, ПЕПЕЛТА (Popioly / The Ashes) од 1965 (епска сага за полските легии во наполеоновите војски од почетокот на 19-ти век), како и двата иконични наслови од зрелото доба на авторот: ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Czlowiek z marmuru / Man of Marble) од 1977 и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Czlowiek z zelaza / Man of Iron) од 1981.
Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во Полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу останатите награди, во 1990 година ја добива „Европската филмска награда за животно дело“, на Берлинале во 1996 година ја добива наградата „Сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „Златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „Оскар“, а во 2006 година и почесната награда „Златна мечка“ на Берлинале.
