Меѓународна конференција во Париз за помош на Украина
Над 70 високи државни функционери и организации се обидуваат да соберат помош за зимската сезона. Киев инсистира Москва да се повлече до Божиќ за да заврши конфликтот. Западните земји ќе продолжат да ги засилуваат воените капацитети во Украина и да го зголемуваат притисокот врз Русија…

Киев и Париз ги мобилизираат западните сили за помош на Украинците. Зимската сезона е сериозен предизвик во услови на нарушена енергетска инфраструктура. Агендата на Конференцијата во Франција опфаќа координативен механизам кој ќе гарантира дека меѓународната заедница ќе одговори на приоритетните потреби и во снабдувањето со вода, здравството, прехраната и транспортот.
„Од почетокот сме загрижени за проблемот со нуклеарните централи во областите каде што се води конфликтот и Русија е одговорна за тоа. Ве потсетувам дека зборувам за централи што се на украинско тло, со украински суверенитет, а кои беа нападнати од Русија. На почетокот на конфликтот успеавме да го заштитиме Чернобил“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
„Целосно сме посветени на заштитата на Запорожје и другите нуклеарни објекти. Веќе контактирав со премиерите. Истражуваме начини за продлабочување на заштитата, но пред сè, за постигнување договор кој е очигледно дека ќе треба да ја вклучи и руската страна“, изјави Рафаел Гроси, директор на МААЕ.
Претходно, на состанокот со Г7, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара Москва да ги повлече своите сили до Божиќ. Влијателните западни земји ќе продолжат да ги засилуваат воените капацитети на Киев и да го зголемуваат притисокот врз Русија.
Во Брисел нема договор за деветти пакет санкции, но на списокот со казнети лица се додаваат уште 200 имиња на руски државјани и групи. Во меѓувреме, ЕУ постигна компромис со Унгарија за финансиската помош за Киев.
Маја С. Филдишев
