МТСП: 858,3 милиони евра за социјално ранливи, повисоки пензии, нови градинки и мерки за вработување
Вкупниот Предлог буџет на Министерството за труд и социјална политика, за 2023 година изнесува 858,3 милиони евра и покрива широка лепеза на права од социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување, мерки за невработени и за вработување, односно ги адресира потребите на ранливите категории на граѓани.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска го презентираа Предлог буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година.
Вкупниот Предлог буџет на Министерството за труд и социјална политика, за 2023 година изнесува 858,3 милиони евра и покрива широка лепеза на права од социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување, мерки за невработени и за вработување, односно ги адресира потребите на ранливите категории на граѓани.
Министерката Тренчевска истакна дека системот на социјална заштита има капацитет да ги апсорбира сите семејства во социјален ризик.
„Во моментов имаме околу 36.000 домаќинства- приматели на Гарантирана минимална помош (ГМП), 30.082 деца опфатени со образовен додаток и 47.114 деца - детски додаток, согласно последната исплата. Ги мапиравме најранливите граѓани во моментов и обезбедивме финансиска поддршка за полесно справување со енергетската криза. За таа цел, го донесовме Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, со кој обезбедуваме по 3.000 денари месечно или вкупно 12.000 денари за 4 месеци за секој корисник на право на надоместок заради попреченост, корисник на право на социјална сигурност за стари лица, корисник на право на надоместок за помош и нега за трајните корисници на ова право, лицата кои се самохрани родители, а се корисници на ГМП и корисниците на посебен додаток“, посочи Тренчевска.
„Се залагаме за креирање на системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Тоа беше и појдовната точка кога ја правевме и новата методологија за усогласување на пензиите, со што обезбедивме континуиран раст на пензиите, кој што нема да зависи од ничија политичка волја или одлука. Така продолжуваме и во 2023 година, пензиите ќе бидат повторно зголемени во март 2023 година. Со новата методологија, што ја донесовме, пензиите се усогласуваат два пати во годината, септември и март и тоа 50% со трошоците за живот и 50% со просечната плата. Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 % за време на една календарска година за сите 330.000 пензионери“, посочи Ковачевски.
Во март 2023 година следи повторно усогласување на пензиите. Со предлог буџетот за 2023 година обезбедени се 499.9 милиони евра, средства кои ќе се трансферираат до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исплата на пензии.
„Во буџетот за 2023 година во однос на 2022 година трансферот до ФПИОМ е зголемен за 7.3 милиони евра во однос на 2022 година, со што се обезбедени средства за дополнителна финансиска поддршка на пензионерите со пониски примања согласно Законот за финансиска поддршка,“ рече Тренчевска.
Обезбедена е и финансиска поддршка и за невработените лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок по 3.000 денари месечно (односно 12.000 денари за 4 месеци) како таргетирана ранлива категорија со Законот за финансиска поддршка, со што ќе бидат опфатени околу 5238 лица.
Финансиска поддршка добиваат и социјално загрозените граѓани согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории за справување со енергетска риза. Тие добиваат по 3000 денари за 4 месеци или 12.000 денари вкупно.
