СДСМ ден потоа
Партиското раководство се уште не одлучило дали СДСМ ќе ги врати добиените пратенички мандати.
Шефот на опозицискиот изборен штаб, го повтори ставот на партискиот лидер дека сите опции се во игра. Не се признава изборниот резултат, опцијата за нив е техничка влада се до создавањето услови за, како што велат, демократско одмерување на силите. Новата победа на ВМРО-ДПМНЕ за нив е нерегуларна. Побараа меѓународната заедница да ги разгледа забелешките што ќе ги достават.
„По сите нерегуларности во текот на изборниот процес, за што бевте информирани и ќе бидат доставени дополнително, фото и видео докази, вчерашниот ден има само еден резултат, срам за Република Македонија и огромни штети по демократските и цивилизациските придобивки на земјава од нејзиното осамостојување“, рече Оливер Спасовски – шеф на изборниот штаб на СДСМ.
Стево Пендаровски кој на изборите беше опозициски избор за шеф на државата рече дека останува во опозицискиот блок докрај да го спроведе концептот во кој верува, а тоа е идејата за слободна Македонија.
„Бројот на ваквите, во наводници, изборни победи, воопшто не е гаранција дека сте на вистинскиот пат. Можете да победувате колку сакате на вака организирани избори, и тоа не значи дека Македонија оди во правилна насока, дека Македонија станува подемократска земја“, изјави Пендаровски.
И за Пендаровски изборите не биле регуларни. Тој извојува победа во само десет општини. Изгуби од противкандидат Иванов со 136 илјади гласови разлика.
Анита Димитријевска
