македонија

МЗШВ: Петтиот столб од земјоделскиот буџет за 2023 е носител на модернизацијата на земјоделскиот сектор

14.12.2022 10:58

Од Министерството најавуваат дека во 2023-та ќе започне изградбата на трите откупни центри, во Ресен, Струмица и Скопје. Ова се три најголеми капитални проекти со кои се модернизира домашното земјоделство...

Петтиот столб на кој се заснова буџетот на земјоделскиот сектор е модернизацијата во земјоделството, преку ИПАРД 3 Програмата, Проектот со поддршка од Светска Банка и мерката 121 „Модернизација во земјоделското стопнаство“ од Програмата за рурален развој, информираат од Министерството за земјоделство.

Се бележи раст од 95% на реализација на средствата предвидени во ИПАРД 2 програмата, со склучени и веќе реализирани над 2.000 договори. Европската Комисија ги зголеми средствата во новата ИПАРД 3 програма за 62% со што, на располагање ќе има 97 милиони евра наменети за инвестиции во следните седум години. Се предвидува авансна исплата до 50% и се зголемува прагот на минимум прифатливите трошоци по проект.

Од Министерството најавуваат дека во 2023-та ќе започне изградбата на трите откупни центри, во Ресен, Струмица и Скопје. Ова се три најголеми капитални проекти со кои се модернизира домашното земјоделство. Модернизацијата ќе се спроведува и преку мерката 121 од Програмата за рурален развој, која предвидува набавка на силоси, комбајни и сушари за ориз, како и опрема за тутун, кои ќе се кофинансираат до 600.000 денари.

Ќе има поддршка и за смарт земјоделство на набавка на модерни технологии во примарното производство, со кофинансирање до 600.000 денари. Поддршката за смарт земјоделство ќе овозможи набавка на современа опрема за контрола на влага, здравје на растенијата, контролирана употреба на пестициди, како и набавка на дронови и софтвери кои ќе се вградуваат во земјоделската механизација.

Предвидени се и мерки за подобрување на пазарната конкурентност преку поддршка за маркетинг на земјоделските производи, наменета за набавка на специјални возила за директна продажба на земјоделски производи, со висина до 70% од прифатливите трошоци.