Попоски на конференција за проширување на НАТО и ЕУ во Вашингтон

29.04.2014 09:25

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски денеска во Вашингтон ќе учествува на конференцијата на Атланскиот совет, насловена „Кон обединета и слободна Европа“, на која ќе се обратат и потпретседателот на САД Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери, како и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

Попоски ќе зборува на панелот посветен на југот на Европа, заедно со министрите за надворешни работи на Бугарија, Црна Гора и Албанија, како и Иан Бжежински од Атланскиот совет.

Цел на големиот собир во Вашингтон е да се истакнат историските придобивки од досегашните проширувања на НАТО и на Европската унија, и да се промовира идното проширување.

На дводневната конференција, која ќе биде проследена со серија билатерални средби, ќе учествуваат и водечките американски сенатори и конгресмени како Џон Мекејн, Боб Коркер и Кристофер Марфи, поранешни функционери како Збигњев Бжежински, Медлин Олбрајт, Николас Барнс и Стивен Хедли, како и министри за надворешни работи и одбрана од Полска, Романија, Холандија, балтичките држави и земјите кандидатки како Грузија и Молдавија.

За време на посетата на Вашингтон, се очекува министерот Попоски да има средби со претставници на Стејт департментот, американски конгресмени, како и со македонската дијаспора во САД.