Бугарските пратеници не ја поддржаа кандидатурата на Габровски
125 пратеници беа против предлогот Христијан Габровски да биде премиер. Само 113 народни избраници од ГЕРБ-СДС и Бугарски подем беа за предложениот состав. Во експозето, Габровски ги повика пратениците на разум и да го надминат теснопартискиот интерес. Од собраниската говорница, дебатата ја оцени како предизборна кампања...

Бугарското Народно собрание не избра Влада. 125 пратеници беа против предлогот Христијан Габровски да биде премиер. Само 113 народни избраници од ГЕРБ-СДС и Бугарски подем беа за предложениот состав. Во експозето, Габровски ги повика пратениците на разум и да го надминат теснопартискиот интерес. Од собраниската говорница, дебатата ја оцени како предизборна кампања, додавајќи дека презема одговорност да ја прекине спиралата на последователни предвремени избори, да ја врати довербата во институциите и дијалогот меѓу партиите.
„Ние сме притиснати со рокови кои ќе ни нанесат непоправливи штети, како на имиџот на Бугарија, така и финансиски. Ние најверојатно нема да влеземе во еврозоната, а на испит ќе биде и нашата геополитичка ориентација“, изјави мандатарот Христијан Габровски.
Ваквиот исход по тричасовната дебата беше очекуван, бидејќи партијата на Борисов која победи на изборите, немаше обезбедено мнозинство.
„Корупциските тајни и реалната зависност прават оваа Влада да биде заложник на старите гревови“, рече Кирил Петков, од „Продолжуваме со промената“.
„Ние не можеме да ја поддржиме оваа Влада, вака предложена како формат и како политичка платформа и идеја за водење на државата“, додаде Христо Иванов, „Демократска Бугарија“.
Во „Продолжуваме со промената“ се оптимисти дека можат да понудат малцински кабинет. Од партијата на Кирил Петков сметаат дека предвремени избори се најлошата опција за Бугарија.
Милчо Велески
