мвр

Спасовски на Онлајн состанок на Европската мрежа за миграциja

14.12.2022 12:24

Република Северна Македонија е подготвена за преземање на улогата на набљудувач во рамките на Европската миграциска мрежа...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, учествуваше со свое обраќање на онлајн состанок на Европската мрежа за миграција.

„Република Северна Македонија како и повеќето европски земји се изложени на зголемена миграција во рамките на процесот на глобализација. Имајќи ги предвид миграциските текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, се обидуваме на систематски начин да се вклучиме во европскиот глобален пристап за справување со миграции и нивните предизвици. Во таа насока,  задоволство ми е во овој момент да ја изразам подготвеноста на Република Северна Македонија за преземање на улогата на набљудувач во рамките на Европската миграциска мрежа“, истакна министерот Спасовски, при што потсети дека Република Северна Македонија беше првата земја на удар од мигрантската криза во 2015-та година.

„Сепак, иако сме мала држава, со ограничени ресурси и капацитети, цврсто застанавме на браникот, успешно ја менаџиравме кризата и со тоа придонесовме за зачувувањето на благосостојбата не само на нашите граѓани, туку и на целото Европско тло. Нашите заложби во тој момент, па би рекол и до денешен ден, се препознаени и истакнати, како од Европската унија, така и од бројни меѓународни организации. Сепак, ние сме спремни, стоиме на располагање да го споделиме нашето искуство со Вас, сé со една и единствена цел- креирање на успешна миграциска политика, на ниво не само на Европската Унија, туку на ниво на целиот Европски континент“, рече министерот Спасовски.

На крајот од состанокот, министерот Спасовски потенцираше дека барањето за приклучување кон Европската мрежа за миграција не претставува почеток на соработката, туку формализација на заедничкото работење, со оглед на тоа што веќе долго време се работи партнерски и се делат заеднички принципи, за кои говорат резултатите кои се постигнати.