Скопје

Владата ја поздрави одлуката на приватните превозници, тие очекуваат средба

14.12.2022 12:27

Владата ја поздрави одлуката на приватните превозници за ги одблокираат улиците на Скопје. Од кабинетот на премиерот велат дека во наредниот период ќе се разгледуваат сите аспекти на ситуацијата со која се соочуваат приватните превозници и градот, по што би следел состанок за разговор за можни решенија. Приватните превозници очекуваат во најбрзо време да бидат повикани во Влада…

Владата ја поздрави одлуката на приватните превозници да ги одблокираат улиците на Скопје, велат функционален град е она што скопјани го заслужуваат и кон кое сите засегнати страни треба да се стремат да го постигнат. Оттаму очекуваат дека превозниците ќе останат на овој став и во наредните денови во интерес на граѓаните.

Ова беше вид услов од страна на премиерот за евентуална средба со нив. Сега откако го направија тоа, од неговиот кабинет велат:

„Во наредниот период ќе се разгледуваат сите аспекти на ситуацијата со која се соочуваат приватните превозници и градот, а следниот чекор е првичен, иницијален состанок на кој отворено би се разговарало за можните решенија“, велат од Владата.

Од приватните превозници се задоволни од овој одговор и очекуваат во најбрзо време да бидат повикани во Влада.

Приватните превозници вчера ги тргнаа автобусите кои беа паркирани на булеварот пред објектот на Град Скопје, откако Ковачевски рече дека нема да прифати никаква средба под уцени.

Катерина Топалова