Алармантна е состојбата на детско одделение во Струга
Ескалира состојбата на струшкото детско одделение. Дневно по стотина деца од целиот регион бараат помош. Само пет педијатри се грижат за лекување на децата, откако детското одделение во Охрид од пред една година, поради недостиг на педијатри работи само како амбуланта. Лекарите бараат надлежните да го решат проблемот.

Дневно по стотина пациенти ја полнат болницата. Само пет специјалисти педијатри се грижат за лекување на децата од целиот регион Охрид, Струга, Дебар и Ресен. Лекарите се жалат дека се преоптоварени од работа, бараат надлежните да изнајдат решение.
„Стварно ни е зголемен обемот на работа , нон стоп сме на работа: Ние сме петмина горе на детско, држиме цело детско одделение и неонатолошкиот оддел“, изјави Влатко Мицковски началник на детско одделение во Струга.
Детското одделение во Охрид повеќе од една година, поради недостиг на педијатри работи само како дневна амбуланта. Лекарите бараат помош и од матичните лекари во периоди кога респираторните инфекции кај децата земаат замав.
„Педијатри нема, тоа е актуелна тема во нашата држава. Матичните лекари треба да преземат мерки, тие работат само прва смена, немаат замена и истите пациенти се принудени да доаѓаат кај нас“, вели Мицкоски.
Последната најава од Министерство за здравство е дека од јануари идната година неколку педијатри од земјава ќе дојдат да работат во охридската болница.
Соња Рилковска
