Косово

Косово го потпиша барањето за членство во ЕУ

14.12.2022 14:27

Косово и официјално поднесе барање за членство во европската унија. На северот тензиите високи. По Приштина, Лајчак и Ескобар во Белград во обид за смирување на ситуацијата...

Претставниците на Европската Унија и на САД, овие два дена во Приштина и Белград прават обид да ги смират тензиите. По разговорите со косовските власти, Лајчак и Ескобар заминаа во Белград. Ескобар пред состанокот со Вучиќ, рече дека САД се категорично против враќањето на српските сили на северот на Косово.

„Се надевам дека ќе имаме начин за напредување на оваа криза во многу, многу блиска иднина. Охрабрен сум што специјалниот претставник на ЕУ е тука, а исто така ја изразувам мојата поддршка за неговите напори да се придвижи кон германскиот и францускиот предлог“, изјави Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за Западен Балкан.

Ситуацијата на северот на Косово, каде што живее најголем дел од етничкото српско малцинство, е тензична во последните денови. Србите ги блокираа патиштата поради апсењето на поранешен полицаец од косовски Срби.

„Не можеме да си дозволиме само да чекаме да се случи нешто лошо. Многу работи беа кажани во последните денови. Атмосферата е прилично вжештена и затоа треба да се фокусираме на она што е најважно, луѓето да му се вратат во нормалниот живот и да се фокусираме на позитивна агенда“, изјави Мирослав Лајчак, пратеник на ЕУ за дијалог Косово-Србија

Во меѓувреме, во Приштина е потпишано барањето за членство на Косово во Европската Унија.

„Ова е историски момент со кој сакаме да отвориме ново поглавје. Напредокот на Косово ќе зависи од посветеноста кон реформите“, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.

„Потпишување на апликацијата за ЕУ е историски ден за Косово. Но, пред сè, овој момент е посветен на секое дете, жена и маж на Косово кои ги жртвуваа своите животи, бранејќи ги идеалите за слобода, независност и демократија“, рече претседателката на Косово, Вјоса Османи.

ЕУ од 1 јануари 2024 ќе овозможи визна либерализација за Косово.

Марина Ристова