Мирно на северот на Косово, барикадите остануваат
Шести ден српски барикади на граничните премини Јариње и Брњак. Шефот на ЕУЛЕКС, соопшти дека безбедносната ситуација на северот на Косово е многу сериозна и дека тројно се зголемени силите...

Мирна ноќ на северот на Косово. Шести ден српски барикади на граничните премини Јариње и Брњак. Шефот на ЕУЛЕКС, соопшти дека безбедносната ситуација на северот на Косово е многу сериозна и дека тројно се зголемени силите, но дека не се надлежни да ја преземат контролата на северот, наместо косовската полиција, како и дека барикадите треба да се отстранат на мирен начин. Во меѓувреме, 14 нови советници дадоа заклетва на Собранието на северна Митровица, кое формираше нова законодавна власт.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, вчера се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
Ескобар рече дека САД го отфрлаат враќањето на српските сили на Косово, бидејќи се против милитаризацијата на проблемот. Тој е оптимист за решавање на кризата во Косово.
„Овој регион има подобра иднина заедно, отколку одвоено. Ќе имате подобра иднина во интеграцијата, отколку преку раздвојување. Благодарение на можностите што ги дава заедничкиот пазар, ќе станете најбрзо растечки регион во Европа. Луѓето од балканот одат во ЕУ и Америка во потрага по работа, а треба да останат тука. Интеграциите и економијата се вистинското решение“, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД.
