Македонија

Дојави за бомби во основни и средни училишта во Скопје и Куманово

15.12.2022 11:04

Од МВР потврдуваат дека нивни специјални полициски единици се на терен. Досега сите закани за бомби беа лажни...

Изутринава повторно нови анонимни дојави за бомби во неколку средни училишта во Скопје, но и во повеќе основни на територијата на Општина Аеродром. Денеска дојави за поставени експлозивни направи и во девет основни и едно средно училиште во Куманово. Децата и наставниците евакуирани, екипите за антитероризам се на терен.

Учениците и вработените во скопските гимназии „Ѓеорги Димитров“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ се надвор од училишните објекти откако беа повикани да се евакуираат бидејќи на службените мејлови на училиштата пристигнале закани за поставени експлозивни направи.

Инаку, за првпат закани за бомби се испратени до основните училишта во Општина Аеродром, „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, „Александар Македонски“, „Браќа Миладиновци“ и „Блаже Конески“.

Во Куманово, станува збор за основните општински улилишта „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“, „Јероним Дерада“, „Карпош“ – Умин Дол, „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и средното општинско улилиште „Гоце Делчев“.

Од МВР потврдуваат дека нивни специјални полициски единици се на терен.

Досега сите закани за бомби беа лажни. Вчера пристигнаа дојави за бомби во 15 училишта. Претходните денови дојави за бомби имаше и во трговски центри, голем станбен објект, МНР и Народната банка.