Изумира штипското село Брест
Последните четворица жители на Штипското село Брест заедно имаат преку 300 години.Последната свадба е направена пред 30 години. Од тогаш патот води само кон градот. Животот во Брест полека замира...
Пропаѓа едно од некогаш најубавите штипски села, Брест. Од некогашните 120 жители, сега таму има одвај 4-ца. Сите заедно имаат преку 300 години.
„Најстариот жител има 97 години, а најмлади сме ние на близу 70 години“, вели Фурса Христова, жител на с.Брест
Поселеден пат сватови во селото дошле пред речиси 30 години.
„Последен пат свадба овде имаше во 1987 година. Оттогаш нема ни свадба ни народ“, изјави Дане Христов, жител на с.Брест.
Оттогаш досега, патот водел само надвор од селото. За назад не се свртел никој
„Младите избегаа, старите не можат и готово. Ама нема народ , ништо не остана, само пустелија.“ - изјава Моне Христов, жител на с.Брест
Радост во селото е само 42-годишниот Моне Христов, кој овде доаѓа повремено. Неговото стадо овци е единственото во селото, во кое некогаш секој куќа имала по 50-тина грла.
„Чувам околу 120 грла овци, заедно со татко ми, ама тешко е. Работиме, приходот е многу слаб, нема ништо заработувачка, откуп нема“, изјава Дане Христов, жител на с.Брест.
Народ сега во селот доаѓа двапати во годината на прв ден Велигден и на празникот на селото Свети Панетелејмон. Остатокот од годината, Брест наликува на село на духови. Празни и пропаднати куќи, пусти сокаци, тишина.
Идентично како во Брест е и во останатите села во Штипско. Од вкупно 71 село, живот има одвај во 10-тина. Останатите или се целосно иселени или во нив нема повеќе од 4-5 жители, главно луѓе постари од 70 години.
Oливера Жежова
