Обучени планински спасители за развој на авантуристички туризам
Зимата е пред нас, а со снегот се зголемуваат можностите за несреќи во планина. Од планинската спасителна служба при Црвениот крст од Охрид, која е една од најефикасните и најопремените во земјава, препорачуваат при секое одење на планина да се направи добра подготовка за да се избегнат несакани и непредвидливи незгоди. Оваа служба во изминатите пет години имаше близу двеста интервенции…

Планинската спасителна служба при Црвениот крст од Охрид по формирањето пред пет години има регистрирано 270 повици на нивниот СОС телефон, а имала околу 200 интервенции на терен. Од нив само минатата година биле реализирани рекордни 50, додека годинава спасителите заклучно со ноември пружиле помош при несреќи во 27 случаи. Во просек годишно планинската спасителна служба има 10 до 16 интервенции на сериозни политрауми здобиени при параглајдинг, велосипедски и други несреќи на планина, но им асистирале и на брзата помош и пожарникарите при тешки сообраќајни незгоди.
„Успешноста на Планинската спасителна служба се должи на високото ниво на вештини со коишто располагаат, пред сè вештините од алпинизмот и опремата којашто успеавме да ја обезбедиме во овие изминати 5 години преку проекти финансирани од Европската Унија“, изјави Антонио Додевски, Планинска спасителна служба Црвен крст-Охрид.
Годинава за прв пат се одржа Национален конгрес за планинско спасување на кој учество зедоа 14 организации од земјава, кои во иднина треба да делуваат како оние во развиените држави и да бидат достапни 24 часа како што е случајот со охридската спасителна служба.
„Целта на Националниот сојуз за планинско спасување е да ги пренесеме меѓународните искуства, нашите искуства коишто ги имаме стекнато во овие 5 години како пракса, да ги пренесеме на целата територија на нашата држава“, додава Додевски.
Сепак за нормално функционирање на планинските спасителни служби потребна е финансиска поддршка од општините и државата, особено во туристичките центри, бидејќи не може да се замисли развој на авантуристички туризам без безбедносни гаранции за туристите.
Сашо Нелоски
