Македонија

Повторно дојави за бомби, паника и страв меѓу учениците и наставниот кадар

15.12.2022 14:09

Изутрината повторно нови анонимни дојави за бомби во средни, но и во повеќе основни училишта во Скопје. На електронската пошта дојава за поставени бомби стигнале и во десет училишта во Куманово. Децата и наставниците евакуирани на безбедно, екипите за антитероризам на терен…

Паника и страв меѓу учениците и наставниот кадар. Петнаесет основни училишта во општината Аеродром за првпат мета на закани за бомби. И дел од средните училишта на електронските адреси добија пораки дека во просториите има експлозивна направа. Полицијата безбедно ги евакуирала, МВР со антитерористички проверки. За поголема безбедност евакуирани и деца од околните градинки.

„Кога наставничката ни кажа, многу се исплашивме и излеговме надвор“, вели една ученичка.

„Се уплашија децата многу, почнаа да плачат.“

„Нормално е дека ќе ги фати паника, сепак тие се деца, посебно од првите одделенија“, велат дел од наставничките.

„Во градинката немавме дојава за бомба, но од безбедносни причини ги повикавме родителите да дојдат да ги земат децата“, вели воспитувачка во градинка.

Дојави за бомби за првпат и во Куманово. Мета на закани девет основни и едно средно училиште. Мвр го расчистува случајот, во општината координативен состанок за справување со кризни ситуации.

„Влегов на час и им реков на децата дека ги честам за Нова година, ги скратуваме часовите, за да не направиме паника. Мирно и радосни излегоа и за осум минути и учениците и кадарот беше надвор од зградата“, вели директорка на училиште во Куманово.

Претседателот Пендаровски не планира да го свика Советот за безбедност. Тврди дека надлежните постојано работат на ваквите закани.

„Тоа се ИП- адреси кои се најчесто од странство и тешко се доаѓа до луѓето кои ги менаџираат и од тој аспект не можам да навлегувам. Меѓутоа од оперативниот аспект, јас ве уверувам дека сите надлежни органи се максимално, и не дозволуваат некој навистина да подметне каква било направа во нашите училишта“, вели претседателот Пендаровски.

И Спасовски смирува, МВР е блиску до расчистување на случајот. Тврди-нема индиции дека е нарушена безбедносната состојба. За заканите од бомби, МВР помош побарала и од меѓународните партнери.

„Сме веќе на пат да се расчисти целиот случај и во Кавадарци. Во постојана комуникација сме со ИНТЕРПОЛ и ЕВРОПОЛ, се преземаат сите мерки. Очекувам и деновиве да се одржи координација на Советот на безбедносно-разузнавачките служби“, рече Спасовски.

Според Спасовски, заканите доаѓаат од ИП-адреси од странство. Досега сите дојави беа лажни, а цел беа и институции, министерства, големи трговски центри и станбени објекти. МВР поднесе кривична пријава против малолетник за тероризам.

Викторија Милевска