Османи- Дендиас: Македонија и Грција, пример за добри соседи
Шефот на дипломатијата Османи во работна посета на Атина. Оствари средба со својот колега Дендиас. Министрите изразиле задоволство од динамиката со која се развиваат односите меѓу двете соседни земји, плодната соработка во бројни сфери и проекти од заемен интерес…

Министерот за надворешни работи Османи и неговиот грчки домаќин Дендиас на средбата во Атина разговарале за билатералните односи, сојузништвото во НАТО, евроинтеграцијата, геополитичките предизвици и претседателството со ОБСЕ во 2023-та.
„Односите меѓу Северна Македонија и Грција се вистински пример за добри соседи и пример како да се изгради стабилно и долгорочно пријателство засновано на меѓусебна доверба и почит. Имаме договор за стратешко партнерство, чие доследно спроведување претставува основа за понатамошна соработка и дополнително зајакнување на нашите блиски односи“, истакна шефот на дипломатијата Османи.
Шефот на грчката дипломатија Дендиас го иницирал прашањето за целосното спроведување на Преспанскиот договор, европскиот курс на Западниот Балкан и справување со мигрантите во регионот.
Двајцата министри разговарале за соработката во пресрет на македонското претседателство со ОБСЕ и со Јадранската група, како и во процесот за соработка во Југоисточна Европа за да се обезбеди траен мир, стабилност и просперитет на регионот.
Ирина Гелевска
