Прилепчани задоволни од градскиот превоз

29.04.2014 10:14

Прилеп се поврза со градски превоз.Засега шест автобуси крстосуваат од едниот до другиот дел на градот по цена од 20 денари. Прилепчани задоволни

Во Прилеп започна историскиот проект за воведување на градски сообраќај. Граѓаните се презадоволни, велат дека со децении чекале на овој момент, затоа што градот секоја година се зголемува се повеќе, а користењето на такси услугите им било скапо.

„Јас седам во населбата Рид, за да стигнам до населбата Точила пешки е навистина многу далеку, такси да плаќам е скапо, а вака со автобусите мислам дека ќе биде одлично“, вели еден жител на Прилеп.

„Јас секој ден одам во Точила, имам внука таму и ја чувам, досега се мачев и одев пешки по скоро 40-тина минути, сега овие неколку денови навистина е прекрасно, секој ден ќе го користам градскиот превоз“, вели друг жител на Прилеп.

„Ова што се воведе градскиот сообраќај е навистина рај, сега можам секаде да излезам и да си го прошетам и внучето во чаршија, инаку за да стигнеме до центарот од населбата Варош навистина нас ни е далеку“, кажa трет прилепчанец.

За лицата со посебни потреби возењето со градскиот сообраќај е бесплатен. за учениците и студентите месечен билет ќе биде 350 денари, а во иднина оваа поволност ќе се воведе и за пензионерите. инаку за возење се наплаќа 20 денари, дневен билет е 50 денари, неделен 250, месечен 600 и годишен 6.000 денари.

Засега во Прилеп се воведени 3 линии со 6 автобуси, од Општината најавуваат дека за неколку месеци ќе се воведат уште неколку нови линии во градот, а со гардскиот превоз ќе се поврзат и сите населени места во Општината.

„Во втората фаза од овој проект ќе се поврзат прво поблиските населемни места до Прилеп, како што се Мажучиште, Селце, Мало и Големо Коњари, Галичани, Беровци Старо и Ново Лагово, третата фаза ќе биде поврзување на подалечните населени места како што се Загорани, Веселчани, Тројкрсти, Черпигово, Тополчани, Ерековдци, Канатларци, Подмол и Лопатица“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Исто така се планира воведување на линии и за Мариово.

Дарко Штаргоски