Криза

Европски цени, македонски стандард

15.12.2022 15:26

Додека Македонија ги стигна европските земји во цените, платите се четирипати пониски. Дел од граѓаните се песимисти се дека ќе има реално намалување на цените...

52 денари чини 470 грама леб во земјава, а за 86 денари може да се најде килограм леб во Словенија. Ова е само еден од основните прехранбени продукти кои ја надминуваат или се изедначуваат со цената на продуктите во некои од европските земји. За споредба, цените на основните производи се: млекото во Македонија е 76, во Италија 61 денар, додека во Словенија 92 денари. Маслото за готвење е поскапо отколку во земјава, за 30 насто во Италија или 50 насто во Словенија, додека кај цената на јајцата речиси нема разлика.

И додека Македонија ги стигна европските земји во цените, платите се четирипати пониски. Кај нас, просечната плата изразена во евра е 526, во Словенија 2.250, а во Италија речиси 2.270 евра.

Дел од граѓаните кои ги анкетиравме и ги прашавме, колку долго трае поскапувањето, велат дека е најизразено во последните три месеци. Песимисти се дека ќе има реално намалување на цените.

Министерот за економија Бектеши изјави дека вистинското поевтинување ќе го почувствуваме откако компаниите ќе ги потрошат постојните залихи.

Александра Велинова