Скопје за првпат без шармот и сјајот на Нова Година
Како никогаш досега Скопје, македонската престолнина, на само две недели пред Новата Година не е украсена, го нема сјајот и шармот на претстојното ново лето. Некои од булеварите и улиците неосветлени иако ги плаќаме сметките, единствено приватниците на места ги украсуваат сопствените локали...

Две недели пред нова година а плоштадот сè уште не е накитен. Нема предновогодишна еуфорија. Празните куќарки на плоштадот во центарот на Скопје се единствено нешто што дава надеж дека можеби ќе има и новогодишна атмосфера.
Мрачна и празна е метрополата. Единствени сијалички на плоштадот се балоните кои ги продаваат и куќарките од каде се купуваат крофни.
Граѓаните со разочарување ја коментираат предновогодишната атмосфера. Се жалат. Нема елка, ниту новогодишен панаѓур, а претходно секогаш пред или на почетокот на декември веќе бил украсен градот. Сега нема активности за украсување ниту најава дека тоа ќе се случи. На средина од месец декември, град Скопје нема план како да ја долови предновогодишната празнична атмосфера.
Изминативе две години пандемијата ги засени новогодишните празници, а сега и енергетската криза. Сепак угостителските објекти не дозволуваат да заборавиме дека доаѓа новата година и највеселите празници во годината. Има локали кои се накитени.
Мрачно е и низ улиците од главниот град. Се плаќа уличното осветлување во сметките, но на некои улици и булевари нема светилки.
Ана Ј. Тодоровска
