Посевите со жито добро напредуваат
Земјоделците од Пелагонискиот регион се надеваат на добар род на житото. За големи прогнози велат дека е рано, но сепак ги тријат рацете зашто сеидбата заврши навреме, а досегашните временски услови се поволни и добро влијаат врз развојот на посевите. Експертите порачуваат, младите растенија да се прихрануваат навреме.

Во пелагониско, земјоделците и експертите се задоволни од текот и реализацијата на есенската сеидба. Убавото време и околностите во кои се одвиваше беа поволни, механизацијата максимално искористена, а агрохемиските подготовки навреме почнати и завршени, што остава простор доколку работите драстично не се променат, на крајот на реколтата да има услови за солидно производство и поголеми приноси.
На нивите, зависно од времето на почетокот на сеидбата, во одделни делови од пелагониската житница посевите се во различна фаза на развој. Онаму каде што е почнато порано со сеењето, формирањето на стебленцата завршува додека на другите површини е во тек.
За бериќетна жетва, земјоделците треба да ги завршат и другите агротехнички мерки како што е со заштитата од штетници и плевели, и прихраната на житата од што зависи и висината на родот. Ако не се промени,според сегашната состојба, агрономите предвидуваат просечните приноси да достигнат и над 5 тони по хектар.
Во Пелагонија под есенски посеви се околу 15 илјади, од кои пченицата е посеана на 12 илјади хектари.
Методија Трајков
