Македонија

Струга: Градот во мрак, комуналната такса непромента

16.12.2022 11:56

Стружани револтирани, општината не ја намалува комуналната такса за јавно осветлување, а градот и околината повеќе од два месеци се во мрак. Граѓаните обвинуваат- општината штеди на грбот на народот. Наспроти реакциите, градските советници одлучија рестрикциите на уличното осветлување да бидат на сила и идната година...

Стружани револтирани сè уште плаќаат, а не добиваат јавно осветлување. Бараат итно да се укине комуналната такса или да престанат рестрикциите. Обвинуваат општината штеди врз грбот на народот. Утврдената давачка изнесува 184 денари месечно по домаќинство, а повеќе од два месеци, градот нема улично осветлување, струшките улици од 20 часот се во мрак.

„Не треба да ја плаќаме. Темница е човек доаѓа од работа, а кучиња скитници е полно“, вели еден стружанец.

„Моето мислење е дека не треба да се плаќа. Секаде има улично осветлување кај нас го гаснат“, вели друг стружанец.

„Не треба да плаќаме бидејќи нема улично осветлување“, додава негов сограѓанин.

„Кучиња ќе нè изедат и ќе се испотепаме ништо не се гледа. Сè е арамилак“, нагласува една стружанка.

„Кое штедење е тоа и какво штедење е тоа по џебот на народот“, вели друга стружанка.

Градските советници ја усвоија програмата за јавно осветлување за идната година, рестрикциите остануваат на сила, велат препораките за штедење мора да се почитуваат.

„Ние мора да се адаптираме на одлуката на Владата за рестрикции, тоа значи дека не зависи само од нас, туку ќе бидеме максимално посветени и да изнајдеме најдобро решение за решавање на овој проблем“, вели Арбеѓа Влаши претседател на Советот на општина Струга.

Рестрикции на јавното осветлување во Струга ќе нема само за празниците, почнувајќи од 25 декември до 8 јануари идната година.

Соња Рилковска