Продолжуваат нападите во Украина
Сирените за воздушни напади се огласија во Луганската област, Харков, Киев, Одеса. Од Кабинетот на украинскиот претседател велат дека Херсон е повторно без струја. При руски гранатирања има загинати и повредени...

Загинати и повредени цивили во последните руски напади врз цели во Украина. Сирените за воздушни напади се огласија во Луганската област, Харков, Киев, Одеса. Од Кабинетот на украинскиот претседател велат дека Херсон е повторно без струја. При руски гранатирања има загинати и повредени. Масовните ракетни напади се последни во серијата што руските сили ја почнаа уште во октомври со цел да ја уништат украинската електрична мрежа и инфраструктура.
„Повторно беа гранатирани заедниците во регионот Харков. Во Донбас, како и сите претходни недели, продолжуваат бруталните руски напади. Окупаторите фрлаат се и сешто. Тие не можат да ја совладаат нашата војска, па физички го уништуваат секој град и село за да нема градби, дури ни ѕидови кои можат да се користат за каква било одбрана“, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, Европа го одобри деветтиот пакет санкции против Русија и нови 18 милијарди евра за Украина следната година. Голем дел од средствата треба да се стават на располагање за обнова на училишта и болници. Од Кремљ велат дека ќе го формулираат својот одговор.
„Европската унија, како што знаете, финансиски ја поддржа Украина оваа година со 19,7 милијарди евра. Нашиот предлог за дополнителни 18 милијарди евра за 2023 година беше усвоен денес. ЕУ го поддржува својот сосед, како што треба да биде и така ќе остане“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Прво да се запознаен со списокот на санкции, да ги проучиме официјалните информации, а потоа ќе формулираме некои одговори. Сè уште ништо не е објавено“, вели Димитри Песков – портпарол на Кремљ.
Русија планира копнена офанзива со широк опсег во почетокот на новата година, тврдат украинските власти. Офанзивата би можело да стартува во источниот регион Донбас, на југ, па дури и до Киев. Според украинските генерали, се зголемуваат доказите дека Москва иако претрпе голема загуба на бојното поле сепак планира големи напади.
Маријана Димовска
