Животна средина

Напредок во усогласувањето на законодавството има, во пракса не се спроведува

16.12.2022 12:27

Има напредок во усогласувањето на македонското и европското законодавство за животната средина и климатски промени. Тоа е нотирано и во извештајот за Поглавјето 27. Но, во пракса недоволно се спроведува, капацитетите и човечките ресурси се слаби…

Државата се соочува со бројна, а неефикасна администрација на која ѝ недостигаат стручни и квалификувани кадри, како и интерсекторска соработка. Има напредок кај инспекцискиот надзор, но финансирањето е недоволно. За спроведување на реформите од поглавјето за животна средина и климатски промени ќе требаат најмногу пари, околу четири милијарди евра-велат од Центарот за климатски промени. Потребни се вложувања за заштита на природата, управувањето со отпад и отпадни води, снабдување со вода за пиење, реновирање на старите и дотраени објекти, како и промена на начинот на греење.

Законот за контрола на индустриски емисии се очекува да биде усвоен набрзо, а Законот за климатска акција да биде поставен на ЕНЕР.

Поглавјето 27 е едно од најобемните и најкомплексните и неговото спроведување бара сериозни промени не само во областа на животната средина и климатските промени, туку и во останатите сектори, институции и поглавја.

Андријана Ѓурческа