Серија дојави за бомби во повеќе институции
Серија дојави за бомби во повеќе институции во земјава. Закана за поставена експлозивна направа на скопскиот аеродром за кратко го запре авиосообраќајот. По известување од МВР за безбедност на објектот, летовите продолжуваат со редовниот редослед. Персоналот и патниците безбедно евакуирани. По проверките на антитерористичките екипи е утврдено дека станува збор за лажни дојави…

Аеродромскиот терминал, кулата за контрола на летање, пистата, авионите – антитерористичките тимови на МВР ги проверуваа сите ќошиња на меѓународниот аеродром во Скопје откако дојава за поставена бомба ги евакуираше патниците и вработените, а авиосообраќајот времено беше запрен.
Патниците збунети, не знаеја што се случува – информации бараа од полицијата и новинарските екипи.
Проверката покажа – дојавата е лажна, по што летовите беа нормализирани.
Заканувачка порака со дојава за бомба го евакуираше и скопскиот хотел „Александра Палас“, каде требаше да се одржи конференција на Стопанската комора, на којшто требаше да говори и премиерот Ковачевски. Присутните и гостите го напуштија објектот.
И куќата на фудбалот не беше поштедена. Заканите за поставени бомби повторно не ги заобиколија ниту училиштата.
По извршените проверки од МВР соопштија дека станува збор за лажни дојави.
Анита Димитријевска Велковска
