Образование

Грешки во новиот учебник по историја за петто одделение, МОН ќе ги утврдува причините

16.12.2022 14:23

Низа реакции по утврдените грешки во учебниците по историја и општество за петто одделение. Министерството за образование почна процес за утврдување на причините за пропустите…

Овој учебник според историчарот Васко Гичевски концепциски не е издржан, изобилува со погрешни факти и периодизација на историјата. Како пример, вели дека во него пишува дека новиот век почнува со пронаоѓањето на парната машина од 18-ти век. На местото каде што се наоѓа Кокино, пишува дека бил изграден локалитет, а всушност станува збор за карпа што постоела и била само обработена.

Од МОН информираат дека почнале процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение, во кој како што велат, се констатирани низа грешки и нелогичности.

„МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за натамошно постапување“, велат од Министерството.

Во меѓувреме, од МОН апелираат авторите и рецензентите во иднина да ги подигнат личната одговорност и посветеност во изработката на учебниците. Авторките, пак, рекоа дека веднаш укажале на грешките што не биле забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминале сите филтри.

Александра Велинова