МОН

Шаќири на одбележување 28 години од основањето на Универзитетот во Тетово

16.12.2022 21:15

Со основањето на Универзитетот во Тетово, првиот државен универзитет со настава на албански наставен јазик се оствари идејата на многу наши предци, интелектуалци и луѓе со мисија и визија да направат нешто за да се унапреди образованието на Албанците во Северна Македонија...

Со основањето на Универзитетот во Тетово, првиот државен универзитет со настава на албански наставен јазик се оствари идејата на многу наши предци, интелектуалци и луѓе со мисија и визија да направат нешто за да се унапреди образованието на Албанците во Северна Македонија. Нивниот некогашен сон денес е реалност во која сите живееме. Да го продолжиме аманетот и да се заложуваме да ја задржиме оваа национална гордост.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната манифестација по повод 28 години од основањето на Универзитетот во Тетово, на која учествуваа голем број претставници на академската и научната фела во државата, студенти претставници на извршната и законодавната власт во државата, како и претставници на дипломатскиот кор.

„Благодарност до сите кои имаат придонес во основањето на Универзитетот во Тетово и благодарност до сите кои се труделе и се трудат тој да напредува и да прераснува во еден од најсилните столбови на високообразовниот систем во државата и важен фактор за севкупниот општествено економски напредок на државата“, рече Шаќири.

Честитајќи го јубилејот, посака долговечност на високообразовна установа, која, како што рече, судејќи по заложбите не само на вработените во рамки на истата, туку и по заложбите на државата, сигурен сум дека ќе има перспективна иднина.

„Овој универзитет е расадник на квалитетни кадри кои успешно се интегрираат во сите сегменти на општеството и голем дел од нив покажувајќи лидерски способности, учествуваат во креирање на позитивни промени и придвижувањето на државата напред“, потенцираше Шаќири.

Тој рече дека заврши времето кога наставата се организираше во тешки услови и дека на новите генерации им е значително олеснето студирањето на Универзитетот во Тетово.

„Денеска студии на сите три циклуси се организираат во современ објект, модерни амфитеатри, читални, лаборатории. Универзитетот има добро развиена мрежа на соработка со други образовни установи, со бизнис секторот и разни организации. На располагање се различни видови стипендии за студентите, како и средства за спроведување на научно истражувачки проекти. Најважно, Универзитетот има добро подготвен наставно – научен кадар од кој чест е да се учи и акумулира знаење“, нагласи Шаќири.

Потсети дека Министерството за образование и наука неодамна изгради нов студентски дом за потребите на студентите од овој универзитет и по завршување на неколку формалности, тој ќе биде предаден на користење. Како што рече, оваа нема да биде последна инвестиција на државата во универзитет. Државната поддршка од сите аспекти ќе продолжи и во иднина, не само за овој, туку и за сите други државни универзитети, затоа што, немаме друга алтернатива освен да им понудиме квалитетно образование на граѓаните.