Македонија

Инклузивна игротека за децата со попреченост во Охрид

17.12.2022 11:31

Загрижува зголемениот број на деца со попреченост во Охрид, кои деновите ги минуваат во своите домови. Тоа поттикна дел од родителите да го реализираат проектот за отворање на инклузивна игротека. На тој начин децата преку дружење ќе се социјализираат што ќе придонесе за нивниот развој…

Во изминатата деценија во Охрид значително е зголемен бројот на деца со попреченост. Според експертите тешкотиите при раѓањето, начинот на живеење и исхрана на нивните мајки, како и стрес факторот се само некои од причините за ваквата состојба. Овие деца скоро целосно се препуштени на грижата на своите родители, особено со потешка форма на церебрална парализа за што е потребна 24 часовна ангажираност.

„Моево дете има и епилептични напади, значи се стана од тој епилептичен напад. Секој момент си во некој стрес, дали ќе има напад, дали нема да има напад и ти не можеш да ја оставиш со секого да ја чува. Значи мора да има стручни лица со неа“, вели Анастасија Митреска, мајка на дете со церебрална парализа.

Децата со моторна попреченост главно се затворени дома поради што од огромно значење е отворањето на првата инклузивна игротека во Охрид.

„Училиштата се непристапни, нема соодветна програма за нив, нема дневен центар и затоа решивме да направиме нешто коешто ќе им овозможи на овие деца да излезат од дома, да се социјализираат и да го живеат своето детство како и сите други деца“, изјави Весна Габелска-координатор на проектот.

„Со вакво нешто ќе можат да се згрижат, повторно да бидат заедно со другите деца со типичен развој и ќе може да се сфати едноставно дека сите деца имаат способности за нешто“, нагласува Александра Сабрас Апостолова- дефектолог.

Идејата е оваа игротека за која простор обезбеди општината, а во уредувањето учествуваа ЕУ и УНДП да прерасне во дневен центар за што е потребна поддршка и од државата.

Сашо Нелоски