Македонија

Пендаровски: Шокиран сум од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“

17.12.2022 15:33

Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата, пишува претседателот Пендаровски.

Шокиран сум од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“, стои во коментарот на претседателот Стево Пендаровски на неговиот Фејсбук профил по повод одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине пресудата за случајот, во кој поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата, пишува претседателот Пендаровски.

Апелациониот суд Скопје, вчера, ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, на поранешниот директор на УБК Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.