РУСКО-УКРАИНСКИ КОНФЛИКТ

Путин во посета на командантите на руските трупи, нападите продолжуваат

17.12.2022 14:39

Лидерот на Русија, Путин во ненајавена посета на заедничкиот штаб на воените сили вклучени во конфликтот со Украина. Напади со цивилни жртви во Херсон и Луганск. Метрото во Киев повторно функционира. Поради дезинформации поврзани со војната, Молдавија затвора телевизиски канали...

Рускиот претседател Путин го посети воениот штаб на сите кои учествуваат во конфликтот во Украина. Покрај информирањето за напредокот на операцијата, шефот на Кремљ одржа конференција и одделни состаноци со командантите. Москва и натаму со ист став околу трилатералните разговори за нуклеарката во Запорожје. „Поради моменталната состојба со руско-украинските односи, невозможно е да се одржат разговори со Киев и Меѓународната агенција за атомска енергија“, изјави нејзиниот претставник во МААЕ Уљанов. Додаде дека поради овој проблем, во процесот бил вклучен шефот на Агенцијата Рафаел Гроси кој требал да спроведе шатл-дипломатија и наизменично да комуницира со двете страни.

Сирените за воздушна опасност одекнаа на територијата на цела Украина. Според градоначалникот на Киев, Кличко, половина град е без греење, а третина без струја. Метрото во Киев повторно е во функција.

„Работиме во театарот горе, националниот. Имавме проби, но сега се засолнивме овде долу, горе е опасно. Ракетите ни станаа секојдневие. Веќе не ми се изненадување, живееме во војна.

„Тргнав накај училиште, но ги слушнав сирените. Овде сум 3 часа. Сакам да суи одам дома.

Напади се регистрирани и во повеќе други градови. Цивилни жртви во Херсон и Луганск.

„Ракета ни ја погоди куќата, пишувавме домашна со детето кога падна. Добро е што бевме до ходникот, истрачавме, вратата беше заглавена, не можевме да излеземе. Стаклото од прозорците се распрсна, ние бевме на вториот кат.

„Евакуираме луѓе од воената зона. Досега пренесовме постари лица и деца, ги транспортираме околу Криви рих.

По заканите од Кремљ дека системите Патриот и американскиот персонал ангажиран да обучува украинска војска ќе бида цел на руски напад, одговор од Стејт департментот.

„Русија е агресорот, да не го забораваме тоа. Да ве потсетам дека САД не се ни сега ниту некогаш биле во војна со Русија. Постапуваме според тоа што ни го најави претседателот Бајден дека ќе го прави претседателот Путин – ако Русија ја нападне Украина, да обезбедиме безбедносна поддршка и да и’ помогнеме на Укриана да си ги одбрани територијалниот интегритет и суверенитет“, изјави Ведант Пател, портпарол на Стејт департментот.

Во меѓувреме, Молдавија привремено забрани шест телевизиски канали поради дезинформации за војната. Блокадата ќе се активира на 19 декември и ќе трае за време на вонредната состојба која беше прогласена на почетокот на руската инвазија во Украина.

 

Маја С. Филдишев