Трибина

Ковачевски: До крај ќе го истераме и членството во ЕУ

17.12.2022 21:03

Влеговме директно во огнот за да испорачаме резултат. До крај ќе го истераме и членството во Европската Унија, порача претседателот на СДСМ Ковачевски на националната трибина „Силно и одлучно кон иднината“, што се одржа вечерва во Скопје. Вели, македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни, направивме голем успех за државата. Социјалдемократите повикаа на целосен општествен консензус за европскиот пат и иднина на Македонија…

Успеавме со полноправното членство во НАТО, до крај ќе го истераме и членството во Европската Унија, порача премиерот Димитар Ковачевски од националната трибина на СДСМ во Скопје насловена „Силно и одлучно кон иднината“.

Според Ковачевски, Македонија успешно се справува со енергетската криза, а зголемено е и домашното производство на електрична енергија. Вели, влеговме директно во огнот за да испорачаме резултат.

На целосен општествен консензус за европскиот пат и иднина на Македонија повика генералниот секретар на социјалдемократите, Миле Зечевиќ. Смета дека не треба да се пропушти, како што рече, шансата што ја имаме како нација во овој историски моментум.

Ковачевски коментирајќи ја одлуката на Апелација за „Таргет – Тврдина“ изрази разочарување и побара поефикасна работа на судството. Наведе дека СДСМ ќе ги вложи сите напори да ги спречи учениците на Груевски повторно да ја заробат државата.

На вечерашнава трибина и претходеа 78 трибини организирани низ Македонија во последниве два месеци. На нив, како што велат од СДСМ, пред граѓаните беа презентирани резултатите од сработеното во последните 10 месеци и визијата за иднината.

Марија Котовска