Куманово

Туристичко-информативен центар на Бислимска клисура

18.12.2022 10:44

Со европски пари поранешниот Задружен дом во кумановското село Пчиња, прерасна во туристичко информативен центар наменет за Бислимска клисура. Надлежните се надеваат дека на овој начин уште повеќе ќе се зголеми интересот за посета на локацијата, која стана атрактивна за рекреативци, но и љубители на екстремни спортови.

Со проект преку Североисточниот плански регион се реконструираше поранешниот Задружен дом во кумановското село Пчиња. Објектот кој се наоѓа во близина на Бислимската клисура ќе се користи како туристичко информативен центар. Надлежните се надеваат дека на овој начин уште повеќе ќе се зголеми интересот за посета на оваа локација.

„Во објектот е предвидено кафетерија за одмор на туристите коишто доаѓаат и го шетаат селото Пчиња, меѓутоа и целата Бислимска клисура, Предвидена е со Музеј Куманово, изложбена поставка, предвиден е инфо-центар и административен простор“, изјави Младен Протиќ, директор на СИПР.

Средствата за реконструкцијата се обезбедени преку проект од Европската унија, од програмата за прекугранична соработка со Бугарија, односно општина Дупница, а со поддршка на Министерството за локална самоуправа. Вкупно за двете општини одвоени се 460 илјади евра.

„Се направи една виртуелна тура, практично туристот може да дојде и овде во инфо-центарот без да пешачи да ја помине целата Бислимска клисура и да ги види сите особености од старата црква преку пештерите, преку флора и фауна на самиот потег, направивме и две промотивни видеа за музеите во Куманово и во Дупница и повеќе други активности“, додава Протиќ.

Бислимската клисура се наоѓа на околу пет километри од Куманово. Иако по должина е мала, само седум километри, локацијата стана атрактивна за кумановци, рекреативци. Сè почесто ја посетуваат љубители на екстремни спортови.

 

Елена Георгиевска