ПЕРУ

Болуарте бара поддршка од Конгресот за избори

18.12.2022 12:39

Насилните протести по смената на владата во Перу им ги попречија плановите на многу туристи. ПретседателкатаБолуарте бара поддршка од Конгресот за избори. Дел од законодавците бараат нејзина оставка…

Наместо одмор и релаксација, стотици туристи во Перу веќе со денови се соочуваат со застој и блокади поради протестите кои ја парализираа земјата по смената на владата. Огромни  групи се уште не можат да излезат од селото Агуас Калиентес, почетната станица на мисијата кон светски познатиот Мачу Пикчу на Андите. Патничкиот воз задолжен за транспортот на туристите не функционира. Покрај железницата, блокирани се и сегменти од главните делници во регионот, но и аеродроми на државно ниво. Туристичкиот сектор се и уште се бори со последиците од пандемијата кои драстично ги намалија бројките на посетители. Лани биле регистрирани 400 илјади, во 2019 година -  4,4 милиони странски гости.

„Дојдов да го видам Мачу Пикчу, да уживам во знаменитостите. Но, владата се распушти и сега сме заглавени. Група туристи од САД и од други земји не може да излезе од градов безбедно бидејќи железницата не функционира“, вели Брајан Вега, турист од САД.

„Сакаме да одиме, да пешачиме, но носиме багаж, па не можеме, јас и мајка ми носиме околу 30 килограми со нас, тешко е да се движиме крај пругата“, додава Чариз Ли, туристка од Хонгконг.

Претседателката Болуарте го искритикува Конгресот за неуспехот да собере доволно гласови да го поддржи предлгото за уставна измена со која изборите закажани за 2026 ќе се пометата во 2023 година.  Последните анкети покажуваат дека дури 80% од населението сметаат дека со тоа ќе се стабилизира државата.

„Не за насилството, не за политичката одмазда на некои политички лидери и членови на Конгресот. Велат да ми се дозволи да дадам оставка, но зошто? Бидејќи сум жена? Или бидејќи мислат дека сум неспособна да водат влада? Грешат“, изјави Дина Болуарте, претседателка на Перу.

Во насилствата кои почнаа по смената на нејзиниот претходник Кастиљо загинаа десетици, а повредени се над 500 демонстранти. Шестмина претседатели застанаа на чело на Перу во последните неколу години.

 

 

Маја С. Филдишев