Сервер: СДСМ не можат да ги оспорат изборите само зашто загубија
За најавата на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија дека не ги признава резултатите од гласањето, Сервер вели дека извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ не дава аргументи кои би го оправдале тоа...

Во реакција по изборите во Македонија, американскиот аналитичар Даниел Сервер оценува дека изборите им донеле решавачки мандат на победничките партии и додава дека опозицијата не може да ги оспори изборите само зашто ги загубила.
„Резултатите покажуваат решавачко мнозинство, како за ВМРО-ДПМНЕ, така и за ДУИ и што друго да се каже, добро е што имавте солидни избори и добивте јасен резултат. Двете партии добија гласови колку што можеа да се надеваат дека ќе добијат, не можеа ниту да се надеваат на посилна изборна база од оваа што ја имаат сега“, вели универзитетскиот професор Даниел Сервер, кој е поранешен американски дипломатски пратеник на Балканот.
За најавата на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија дека не ги признава резултатите од гласањето, Сервер вели дека извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ не дава аргументи кои би го оправдале тоа.
„СДСМ ќе мораат да покажат некакви докази дека имало измама ако сакаат да ги оспорат резултатите од гласањето. Јас не сум видел никакви докази за тоа. ОБСЕ рече дека изборите биле ефикасни и регуларни, што не е лоша оценка. Мислам дека опозицијата треба да покаже дека нешто друго не било во ред со изборите, освен фактот дека тие загубија“, вели Сервер.
Тој оценува дека партија која освоила eдвај повеќе од четвртина од гласовите во Собранието не е во состојба да предизвика политичка криза во земјата.
