Ковачевски: Скринингот ќе постави многу прашања на кои ќе треба да одговорат правосудните органи
Скринингот со ЕУ ќе постави многу прашања на кои ќе треба да одговорат и правосудните органи, вели премиерот Ковачевски. Вели дека како премиер и Влада не се мешаат во судската власт бидејќи тоа не е место за политичка борба. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинија Владата дека и судството и обвинителството се урнисани, а премиерот Ковачевски продолжил со уривањето онаму каде што застанал неговиот претходник Зоран Заев…

Премиерот Ковачевски е разочаран од одлуката на Апелација за укинување на пресудата за случајот „Таргет- Тврдина“, но како што рече – не сака да се меша во работата на судот. Според него, оваа пресуда на повисокиот суд ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем. Ковачевски додава дека судот треба низ транспарентна постапка да ги објасни одлуките што ги носи и да работи на зголемување на довербата.
Наместо борба со криминалот, гледаме борба која институција ќе го заштити и ќе биде патрон на криминалот, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, поразителни се податоците дека клиентелизмот и корупцијата во правосудството ескалираат и затоа, како што велат, недовербата во овие институции е 92 насто.
Апелацискиот суд ја укина пресудата за случајот за масовното нелегално прислушување во кој обвинет беше поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков. Во соопштението, судот наведе дека биле констатирани суштествени повреди од одредбите на ЗКП кои биле од апсолутен карактер со што била доведена во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик и затоа предметот го врати на повторно одлучување.
Анита Димитријевска Велковска
