Македонија

Сè уште се трага по возачот кој прегази мајка и дете на пешачки премин во Велес

18.12.2022 17:37

Загина 11-годишно девојче, а неговата мајка е тешко повредена. Патничко возило кое се движело со голема брзина удрило во нив на пешачки премин. Возачот којшто ја предизвикал сообраќајната несреќа воопшто не запрел, побегнал од местото на несреќата. Се трага по него. Јавен обвинител изврши увид на местото на настанот…

Во саботата вечер во Велес се случи сообраќајна несреќа во која смртно настрада 11-годишно девојче, кое со родителите минувало на пешачки премин. Според сведоци на настанот, возачот кој е во бегство, управувал бел мерцедес, таткото веќе бил стапнат на тротоарот, додека мајка и ќерката биле при крајот од пешачкиот, кога возач кој возел исклучително брзо, ги удрил.

Од ударот детето било исфрлено десетина метри подалеку, а сведоците велат дека на автомобилот му паднале регистарските таблички, по што е откриен неговиот идентитет. Денес автомобилот бил пронајден, но уште се трага по осомниченото лице.

„Од ударот, мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето на возраст од 11-години било исфрлено значително нанапред, во близина на следниот пешачки премин и од здобиените повреди починало“, соопштуваат од велешкото обвинителство.

Семејството живеело во близина на местото каде се случила сообраќајката. Таткото и мајката кои ноќеска биле хоспитализирани во велешката болница, утрово биле пуштени на домашно лекување.

Граѓаните од околината бараат да се постават „легнати полицајци“ за да се спречи дивеењето на возачите.

Петар Печков