Измени на Законот за фитофармација
Со законот за фитофармација донесен годинава е предвидена забрана на продажба на пестициди и вештачки ѓубрива во објекти кои се наоѓаат во згради или куќи за поединечно и колективно домување. Според состојбите на теренот ова би значело и затворање на скоро сите земјоделски аптеки од 25-ти декември, рок кој е одреден со законот. Надлежната комисија ќе му предложи на Собранието овие одредби да бидат укинати...

Комисијата за земјоделство ќе му предложи на Собранието да ги укине спорните одредби од законот за фитофармација. Според предлагачите на измените со тоа ќе се избегне опасноста од затворање на речиси сите земјоделски аптеки по 25-ти декември оваа година, како што е предвидено во законското решение. Исто така, ќе се отстрани ризикот од создавање на сериозни проблеми за земјоделството од монополско здружување на фитофармацевските компании, зголемување на цените, создавање на црн пазар, помала примена на препарати за заштита, прихрана и вештачки ѓубрива.
Со Законот за фитофармација кој е донесен годинава се уредуваат правилата за регистрирање на фитофармацевските производи во трговска форма и правилата за нивен пласман на пазарот, производството, употребата и контролата.
Спорна е одредбата со која не е дозволено продажба или складирање на фитофармацевски производи како и сместување и чување на опасни хемикалии во станбени објекти за поединечно и колективно домување. Реакции има и на законското решение за откупувачите и преработувачите на примарни земјоделски производи дека не смеат истовремено да се регистрираат и да работат како економски оператори.
Методија Трајков
