сцена

Некст Тајм со фантастичен концерт насловен „Со срце за Македонија“ во спортската сала Јане Сандански

19.12.2022 13:28

Репертоарот навидум и беше познат на публиката со оглед на природата на песните – народни, комитски, но истиот доби целосно нова димензија благодарение на аранжманите на маестро Никола Мицевски...

Исклучително богатата концертна сезона во Скопје минатиот викенд во сабота на 17-ти ја дополнија и Некст Тајм со фантастичен концерт насловен „Со срце за Македонија“ во спортската сала Јане Сандански.

Репертоарот навидум и беше познат на публиката со оглед на природата на песните – народни, комитски, но истиот доби целосно нова димензија благодарение на аранжманите на маестро Никола Мицевски кој преку својот музички распис понуди музика која допре и до посетителите со најпрефинето уво. Впрочем, според Некст Тајм успехот на овој проект лежи токму во тоа – генијалните музички аранжамани на албумот „Мајка“ кои за потребите на концертот Мицевски и дополнително ги обработи и намени за изведба во живо со фул бенд.

Стефан Филиповски, вокалот во братското дуо, настапи во полна вокална кондиција, стабилно и артикулирано, но најважно – емотивно обоено во контекст на природата на репертоарот. Мартин Филиповски на гитара покажа дека новиот проект не го исклучува во целост нивниот матичен жанр – рокенролт – туку напротив, двата правци одлично се надополнуваат кога во музичка смисла  умно ќе се искоординираат.

Покрај редовната постава на бендот, звукот на сцената го збогатија и гости – Влатко Лозаноски кој во дует со Стефан ја изведе „Ја излези Ѓурѓо“, но и инструменталисти како: Гоце Димовски од Синтезис  на зурла и кавал, Владимир Крстев на виолина, Дејан Теодосиевски на виолончело, Антоние Весковски како засилување во ударната секција, а со соло на електрична виолина настапи и Виктор Ангелов.

Со овој концерт Некст Тајм го затворија музичко поглавје „Мајка“. Во однос на идните планови, составот оваа пролет го очекува турнеја во Австралија, исто така планираат и нова авторска музика, а за нив музичкиот тим од соништата го сочинуваат Никола Мицевски и Лазар Цветкоски.