Образование

Да се повлече учебникот по историја, бара Здружението на историчари

19.12.2022 14:26

Здружението на историчари бара веднаш да се повлече учебникот по историја и општество за 5-то одделение...

Учебник со интернет содржина, набрзина напишан, со погрешни информации, небулози и суштински недостатоци, од кои основците учат грешна историја за Македонија. Здружението на историчари бара веднаш да се повлече учебникот по историја и општество за 5-то одделение. Претседателот Митко Панов за МТВ вели дека вакви пропусти се недозволиви и дека ќе нанесат непроценлива штета врз македонскиот образовен систем. Непознавањето вели оди до таму што и терминот македонски е употребен само 4 пати.

Виновникот за ваквите грешки историчарите го гледаат во избрзаното носење на концепцијата за основно образование со која беше укинат предметот историја како одделен предмет.

Ковачевски нема да бара одговорност од министерот за образование Шаќири бидејќи вели тој не го пишувал учебникот, туку смета дека авторите и рецензентите требале повеќе да внимаваат при креирање на учебникот.

МОН најави дека учебникот ќе биде повлечен, а во тек се изработка на извештај кој треба да утврди каде е одговорноста за грешките во учебникот по историја за петто одделение.

 

Викторија Милевска