Нов ски-центар на Попова Шапка
4 хотели со 4 ѕвезди, искористување на веќе постојните, два планинарски дома со 160 места, пицерија и ресторан за храна за носење, алпски жичници и нови велосипедски патеки. Ова се плановите на италијанските инвеститори, кои сакаат да градат ски-центар на Попова Шапка. На македонската планина виделе голем потенцијал...

Инвестиции во два резервоари за вода од кои во зима ќе се прави вештачки снег, а во лето би се користеле како летни атракции. Ова се само дел од плановите на италијанската фирма „Техно Алпин“ која проценила дека Попова Шапка има потенцијал да развие исплатлив ски туризам. Претставници на компанијата пред јавноста од Влада ја презентираа анализата, идејата и планот за реализација.
Претставувајќи ја својата компанија, генералниот менаџер рече дека таа прави и системи за вештачки снег во внатрешни простории, како и противпожарни системи за кои нагласи дека нема поголем град во светот што ги нема. Објасни како дошле до идеја да инвестираат токму на Попова Шапка.
Министерот Нуредини рече дека, за жал, засега не е искористен потенцијалот што го има Попова Шапка, објектите се стари, опремата – исто така, а и скијањето е врзано исклучиво за временските околности затоа што нема системи за вештачки снег. Исто така, тој потсети дека жичарницата од Тетово до Попова Шапка е неупотреблива, а без неа не може да се развие центарот на посакуваното ниво.
Компанијата претходно го презентираше бизнис-планот и пред членовите на Влада. Тој ќе се одвива во 6 фази, а првата е 55 милиони евра, за периодот од 2023 до 2028 година.
Катерина Топалова
