Истражување

ИРИ: ВМРО-ДПМНЕ со предност пред СДСМ

19.12.2022 15:05

Анкетата го покажува и незадоволство кај граѓаните од насоката во која се движи земјата. ВМРО ДПМНЕ со предност пред СДСМ. Експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски кој е во бегство во Унгарија, со највисок рејтинг меѓу политичарите...

Најновата анкета на ИРИ покажува алармантни податоци за довербата во судството и обвинителството. Само 4% проценти од испитаниците целосно му веруваат на правосудството, а 3 на обвинителството, што сугерира дека наместо да се подобруваат, работите одат на полошо.

Анкетата го покажува и незадоволство кај граѓаните од насоката во која се движи земјата. Само 13% одговориле дека сме го фатиле правиот пат, а 58 проценти сметаат дека одиме во погрешна насока. Главни проблеми се инфлацијата, нискиот стандард, невработеноста, корупцијата и криминалот, а според граѓаните, владата не е доволно посветена на решавање на проблемите.

Поддршката за членството во европската унија останува висока со 78 проценти, но тоа е за 11 процентни поени пониско споредено со ноември 2021 година.

На прашањето – ако претстојниот викенд се одржат парламентарни избори, 19 насто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ би гласале 11 насто од македонските граѓани, 7 насто својот глас би го дале за ДУИ, а 6 за Левица.

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија има највисок рејтинг. Довербата за него е седум проценти. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, ужива доверба од 6% од анкетираните, исто како и Ахмети, а веднаш зад нив е премиерот и лидер на социјалдемократите Димитар Ковачевски, со доверба од пет насто.

Анкетата е изработена од БРИМА за потребите на ИРИ во периодот од 23-ти септември до 13-ти октомври, со интервјуа лице в лице на репрезентативен примерок од 1.207 испитаници.

Наташа Гркова Петрушевска