Случај „Таргет-Тврдина“

Апелација образложи, Советот ќе проверува

19.12.2022 15:13

Судскиот совет на итна седница – работна група ќе проверува како е донесена одлуката на Апелација за укинување на пресудата за „Таргет-Тврдина“ и за враќање на предметот на повторно одлучување. Повисокиот суд објаснува: материјалот беше сложен и обемен – фактите не соодветствуваат на изведените докази на главната расправа...

Работна група од Судскиот совет ќе проверува како работеле колегите од Апелација кои ја укинаа пресудата за случајот „Таргет тврдина“. На итна седница изгласаа заклучок – работната група да го посети судот во најскоро време и да провери дали судскиот совет бил затрупан со предмети, ја почитувал ли законитоста и роковите и дали можеби намерно се одолговлекувало носењето на одлуката. Освен за случајот со укинување на пресудата за Мијалков, ќе се проверува и постапувањето во предметите „Транспортер“, „Трезор“ и „Алфи“.

По реакциите во јавноста за укинатата пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, се огласи Апелацискиот суд. Во писмено соопштение образложува дека Советот утврдил неусогласеност меѓу изречената пресуда во прв степен и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок поради што пресудата е нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување.

Фактите коишто ги земал за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа – стои во соопштението од скопска Апелација.

Судот наведува дека одлуката е донесена на 5-ти декември, а пресудата не е јавно објавена бидејќи не е правосилна.

Анита Димитријевска Велковска