Русија со нови напади врз критичната инфраструктура на Украина
Киев и југот цел на дронови од иранско производство. Путин на разговори со Лукашенко во Белорусија. Кабинетот на Зеленски порачува – секој мир на сметка на украинска територија е победа на Москва...

Вонредни прекини на електрична енергија во Киев поради нападите со руски дронови. Виталната инфраструктура и приватни објекти се оштетени. Украинската противвоздушна одбрана соборила руски беспилотни летала од иранско производство. Нападната и болница во Доњецк. Има жртви.
„Навистина сум вознемирена затоа што никогаш не знаете во кој момент ќе се појави проектил. Штом ќе се вклучи алармот веднаш ја напуштаме канцеларијата“, изјави Нина Собол, службеничка во енергетска компанија.
„Се чувствувам како и сите луѓе погодени од војна, Знам дека не сум сама“, вели Олга Кобзаренк, жител на Киев.
Од руското Министерство за одбрана покрај дневната статистика за нападите во Украина, соопштија и дека ќе одржат заедничка воена вежба со Кина од 21-ви до 27-ми декември во Источно Кинеско Море. Објавија и снимки од вежби во Белорусија неколку часа пред средбата Путин-Лукашенко во Минск.
„Уништени се 56 артилериски единици на украинските вооружени сили и воена опрема во 139 области“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Расте загриженоста од можен притисок на шефот на Руската Федерација врз Белорусија за нејзино вклучување во борбите во Украина, што според Кремљ ваквите наводи се неосновани. Партнерството меѓу двете држави, регионалните и меѓународните прашања главни теми на состанокот. Украинскиот претседател пак, вели дека Киев е подготвен на сите можни сценарија.
„Заштитата на границата и со Русија и со Белорусија е постојан приоритет. Се подготвуваме за сите можни одбранбени сценарија“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
Зеленски ги повика лидерите на земјите кои се дел од Здружените експедициски сили предводени од Британија, осум членки на НАТО, како и Шведска и Финска да ја зголемат воената помош за Украина за да се спротивстави на руската агресија.
Маријана Димовска
