Ќе се обновува спомен домот на Разловечкото востание

29.04.2014 12:46

Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи зачувување и презентација на еден значаен сегмент од македонската историја и култура...

Со поддршка од Министерството за култура, ќе се реконструира Спомен-домот на Разловечкото востание во селото Разловци, Делчевско.

По долги години запоставеност, овој објект, кој има големо историско и културно значење, ќе биде комплетно реконструиран. За таа цел, стручните екипи од Националниот конзерваторски центар – Скопје ќе извршат конзерваторски истражувања на објектот во кој се сместени библиотека, постојана историска поставка, како и ликовна изложба од ликовната колонија одржана по повод одбележувањето на стогодишнината од Разловечкото востание, соопштуваат од министерството.

Врз основа на извршените истражувања и постојната архитектонска документација, ќе биде изработен проект според кој ќе бидат прецизирани конкретните активности за непосредна заштита на објектот, по што ќе започнат активностите за санација. 

Изградбата на Спомен-домот на Разловечкото востание почнала во 1976 година при одбележувањето на стогодишнината од востанието, а во 1979 година бил предаден во употреба.