МТСП

Избрани новите проекти кои ќе добијат грантови за обезбедување услуги за социјално ранливите категории во 17 општини

19.12.2022 17:43

Како што информираат од МТСП, избраните организации ќе обезбедуваат различен вид на услуги, особено за социјално- ранливите категории граѓани кои живеат на територија на 17 општини...

Презентирани резултатите од вториот јавен повик за развој на социјални услуги на локално ниво, што го организираше Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, подржан од Светска банка.

Како што информираат од МТСП, избраните организации ќе обезбедуваат различен вид на услуги, особено за социјално- ранливите категории граѓани кои живеат на територија на 17 општини, меѓу кои во градовите: Охрид, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Гостивар, Пробиштип, Кратово, Крушево и Крива Паланка, како и во осум помали општини: Долнени, Кривогаштани, Богданци, Босилово, Врапчиште, Пласница, Центар Жупа и Арачиново.

Социјалните услуги што ќе им бидат овозможени на жителите од овие општини се однесуваат на: помош и нега во домот, обезбедување лична асистенција, како и организација на дневни центри за престој, а со нив се очекува да бидат опфатени околу 530 корисници на кои им е неопходна  помош и поддршка, како што се лица над 65 години, деца и возрасни со физичка или интелектуална попреченост, како и лица со намален функционален капацитет.

Истовремено, воспоставувањето на ваквите нови социјални услуги во споменатите општини креира можности за работно ангажирање и вработување на околу 150 лица, пред сè негуватели и останати стручни лица, кои пред да почнат со работа ќе поминат низ соодветни обуки и ќе добијат лиценци, соопштуваат од Министерството.