Нови дојави за поставени бомби во 15 скопски училишта
По паузата за време на викендов, нови дојави за поставени бомби. И повторно на удар учениците. Пораки со заканувачка содржина попладнево пристигнаа на адресите на 15 скопски училишта, и средни и основни. Објектите евакуирани, спроведени антитерористички проверки. За дел веќе е утврдено дека дојавите се лажни. Безбедносните служби одржаа координативен состанок…

Нови дојави за поставени бомби во Скопје. На електронските адреси на 15 училишта повторно пристигнаа заканувачки пораки за наводно поставени експлозивни направи. И повторно – учениците, наставниците и персоналот беа евакуирани, додека антитерористичките тимови ги завршат потребните проверки. Учениците веќе ја научија рутината, па празнењето на објектите се одвива брзо.
Министерството за внатрешни работи информира дека се преземени сите мерки.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и се вршат антитерористички проверки“, информираат од МВР.
Дојавите за поставени бомби сè повеќе добиваат на интензитет. Изминатава недела лажни дојави беа испратени во десетици училишта во Скопје и во Битола, но и во хотели, трговски центри, спортски објекти, како и на Меѓународниот аеродром во Скопје. Во изминатиов период, дојави за поставени бомби имаше и во училишта во Куманово и Кавадарци.
Од Министерството за внатрешни работи уверуваат дека активно работат на откривање на дојавувачите, но велат дека тоа воопшто не е едноставно зашто се испраќаат од виртуелни адреси надвор од државата.
Марина Стојанова Тонева
